Универзална Сала


проект: Универзална Сала
статус: 
Конкурсен труд, втора награда
локација: Скопје
соработници: Андреа Јамакоска, Милка Чeрепналковска
, Мартина Петковска, Горјан Венов, Бојана Корошевска
година: 2013

Универзална сала претставува симболично, иконографски и сентиментално еден од најзначајните објекти заСкопје. Причината за нејзиното појавување е незаборавен  артефакт на пост земјотресната историја на градот и директен доказ за солидарноста како голема човечка особина.

Дотрајаноста на овој реперен објект ја оправдува  потребата од замена со комплетно нов објект.

Формалниот манир на понуденото решение произлегува токму од овие линии водилки. Со апстрахирање/ одземање на волуменот на старата Универзална сала од понудениот капацитет на градба на локацијата, дефиниран е новиот модел на зграда како јавен градски простор и простор кој памети и прославува едно минато време, фокусирајќи се сепак на иднината и задоволувањето на потребите на еден град. Отсуството на стариот објект во просторното ткаење на новата програма создава празнина која едновремено е споменик на старата Универзална сала но и модел на плоштад како нај јавен градски простор, со сиот негов капацитет на собирање, празнување, споделување и динамичност.

Овој внатрешен плоштад е утробата на новиот објект, главното место за комуникација во истиот и точкатана собирање и привлекување на посетители и минувачи, кои ќе го одржуваат активен објектот во текот на целиот ден. Со поставување на пристапна рампа како главна пешачка улица по висината на отсутниот волумен од старата Универзална сала, едноставно е решен пристапот и комуникацискиот дијаграм до секоја намена од новиот хибриден концепт на зградата.

За сметка на ослободување на приземјето за јавна намена, волуменот на Универзалната сала (во делот на сервисирање на посетители) е подигнат за едно ниво над нивото на јавното приземје, формирајќи нова типологија на градска колонада, припратена со три плоштада.

Конечно, првиот контакт со новиот објект се воспоставува преку неговата фасадна појавност и обработка. Понуденото решение дефинира двојна фасадна обработка, примарна застаклена во деловите каде тоа е неопходно или пак полна фасада во деловите каде  не е потребен контакт со надворешноста, и секундарна фасада, алуминиумски перфориран концепт на театарска завеса кој  придонесува кон самоодржливоста и енергетската ефикасност на објектот но и оформува карактер и метафоричен пренос на директната намена на објектот, во екстериерот.

Едноставниот и функционален пристап во формирање на понуденото решение овозможува акцентирање и потенцирање на двојноста на јавниот простор како доминантна карактеристика на локацијата и потребата од полу/приватност за одржување на концертни и театарски настани, во еден волумен. Сентименталноста на празнината во волуменот формира стратегија на сеќавање но и привлекување на активности и посетители кои  обезбедуваат динамика во самиот објект. Формалната артикулација на истиот допринесува кон акцентирање на активностите и потенцирање на секојдневниот но и свечениот карактер на зградата и самата локација, незибежно дополнувајќи и надградувајќи ја приказната за Скопската Универзална сала.