Факултет за Физичка култура, Спорт и Здравје


проект: Факултет за физичка култура, спорт и здравје
статус: 
Конкурсен труд
локација: Скопје
соработници: Мартина Петковска, Горјан Венов, Тоше Андонов
година: 2014

Универзитетскиот комплекс Св. Кирил и Методиј претставува една од најзначајните референтни точки во градот. Дефиниран како центар наобразование и прогрес, со својата препознатлива конфигурација и архитектура, создава цел систем на општествено живеење посветен на едукација и иновативност.

Новиот факултет за Физичко образование, Спорт и Здравје треба да ја дополни оваа идеја со агендата за развој на кинезиологијата и секојдневен инпут на физички активности во постојниот концепт. Движењето и динамиката се главните компоненти во предложеното решение за објектот. Акцентирањето на спортот и здравиот живот како недостатоци во современото живеење претставуваа појдовни точки во концепцијата на предложеното решение.

Главната комуникација во објектот претставува систем на рампи, со наклон од 6%, кои имаат двојна функција - дистрибуција на корисници по катови и „трим“ спортска патека. Со тоа, овој систем на рампи прераснува во главна „спортска внатрешна улица“ по висината на објектот. Оваа улица е поврзана и со микро-локацијата и трим патеката во неа, овозможувајќи континуирана физичка активност во и вон објектот.

Главениот акцент во решението е поставен на сегментот на Спортската сала која е носител на програмската целина. Со нејзина диспозиција во подземното ниво, и двоен пристап (од подземно и ниво на приземје) се обезбедува максимална искористеност на програмската целина и непрекината дистрибуција на остатокот од програмата. Формално, Спортската сала како волумен „продира“ на најавното ниво на приземје. Системот на рампи/трим патеки по кои се одвива главната комуникација во објектот, како обрач се дефинираат околу продорот на Спортската сала, овозможувајќи директни визури кон истата и акцентирајќи ја празнината од продорот кој таа го создава. Овој концепт на „семантичка ерупција“ овозможува уникатност во формирањето на атмосфери и доживувања во просторот.